Рускиот претседател Владимир Путин денес на сцената на годишниот руски економски форум изјави дека во моментов не гледа причина да се сретне со Володимир Зеленски, откако украинскиот претседател објави отворено писмо во кое предлага директни преговори за прекин на војната.
Путин, исто така, не се согласи со идејата за барање гаранти во Европа, додека, како што вели, на Доналд Трамп му е одбиена таа улога, „иако Киев е подготвен да добие оружје од САД“.
Тој, исто така, ја спомена непријатната ситуација во Белата куќа кога Трамп му се пожали на Зеленски за неговата облека. „Постојано да го глумиш Рамбо, се разбира, може да биде соодветно некаде, но не насекаде“, рече Путин.
На прашањето дали Трамп е „прозорец за склучување мир“ за Москва, Путин одговори дека конфликтот во Украина можеби дури и немаше да започне ако Трамп „не беше измамен на изборите“ и останеше на власт во 2020 година.
На прашањето за привлекување инвеститори во Русија, Путин одговори дека Русија свесно ја лади економијата заради општата стабилност, што носи резултати.
„Ги разбираме поплаките за клучната каматна стапка и другите тешкотии, но Русија е фундаментално сè уште привлечна за партнерите“, рече тој.
Тој призна дека нападите од украинска страна предизвикуваат штета, но дека големите инвеститори сметаат на долгорочна перспектива.
„Нема закани за руската економија ниту денес ниту во блиска иднина“, заклучи тој.
Во својот говор, Путин нагласи дека светот минува низ најголемата структурна трансформација во последните децении. Според него, системот изграден околу западните финансиски центри се распаѓа, а европските елити предизвикуваат хаос.
Текстот Путин: Зеленски продолжува да го глуми Рамбо е превземен од МАКФАКС.




