Италијанскиот суд одзеде три деца од британско-австралски родители кои живееле во изолирана колиба во шумата, без струја и вода, што предизвика жестока дебата во земјата околу алтернативните стилови на живот и правата на децата. Случајот стана јавен откако семејството заврши во болница по труење со печурки, пишува „Гардијан“.
Нејтан Тревалион, поранешен готвач од Бристол, и неговата сопруга Кетрин Бирмингем, поранешна инструкторка за јавање од Мелбурн, во 2021 година купиле запуштен имот во шумскиот предел Палмоли во регионот Абруцо. Нивната цел била да ги одгледуваат своите три ќерки — осумгодишната Утопија Роуз и шестгодишните близначки Галоријан и Блу — што е можно поблиску до природата.
Семејството одгледувало своја храна, користело соларна енергија и црпело вода од бунар. Децата се школувале дома, опкружени со коњи, магариња и кокошки. Еднаш неделно оделе во Сан Салво, град на Јадранот, што бил нивниот главен контакт со надворешниот свет.
Животот на семејството привлекол внимание во септември минатата година, кога сите биле хоспитализирани по консумација на отровни печурки што самите ги собрале. Властите потоа спровеле истрага и утврдиле дека домот бил „запуштен, во ужасни хигиенски услови и без неопходни комунални услуги“, стои во судскиот документ.
Минатата недела, судија за малолетници во Л’Аквила го потврдил наводите на обвинителството дека децата претрпеле „сериозни и штетни повреди“ на нивните права и наредил да бидат одземени. Полицијата ги однела во четврток и ги сместила во установа под црковна управа. Мајката е таму со нив, но двата родителa имаат ограничен пристап, потврди нивниот адвокат Џовани Анџелучи.
Во пресудата се наведува дека „семејството живее во станбена оскудица“, дека „нема социјална интеракција, нема стабилни приходи“, дека домот „нема санитарии“ и дека „децата не посетуваат училиште“.
Таткото Нејтан Тревалион го опиша одземањето како „голема болка во срцето“ и „шок“. „Тоа беше најлошата ноќ во мојот живот“, рече за локалниот портал „Ил Центро“ ден по одземањето и додаде дека девојчињата во установата морале да спијат во одвоена соба од мајката. „Ова е најтешкиот дел. Тоа е ужасна ситуација.“
За „Ла Република“ изјави: „Живееме надвор од системот… за тоа нè обвинуваат. Им го уништуваат животот на среќно семејство.“ Адвокатот на парот најави жалба, тврдејќи дека извештајот на судијата содржи „неточности“, особено во врска со школувањето на децата.
Случајот предизвика политичка контроверзија. Премиерката Џорџа Мелони изрази „загриженост“ и нареди министерот за правда да го испита случајот, додека вицепремиерот Матео Салвини го спореди постапувањето со „киднапирање“.
Синдикатот на италијанските судии (ANM) предупреди на „политичко искористување“ на случајот, истакнувајќи дека одлуката е донесена врз основа на фактори како безбедноста на децата, хигиенските услови и образованието.
Познатата италијанска социологинка Кијара Сарачено оцени дека ситуацијата е тешко да се процени.
„Нема ништо лошо во желбата да се понуди алтернативно образование. Проблем е колку децата биле изолирани и какви биле нивните хигиенски услови“, рече таа, поставувајќи и прашање зошто службите не се подеднакво ревносни во други случаи. „Толку многу сиромашни деца живеат во неадекватни домови. Тогаш мора да се запрашаме: каде се социјалните работници?“
Градоначалникот на блискиот Палмоли, Џузепе Масчиули, исто така ја осуди мерката. „И јас сум родител, па ме потресе оваа ситуација“, изјави за CNN, додавајќи дека верува оти случајот може да се реши ако семејството прифати одредени услови, вклучувајќи повторно воведување проточна вода и неделни средби со локалното училиште за следење на напредокот на децата.
Текстот Родители со три деца живееле во колиба во шума, италијанскиот суд им ги одзеде е превземен од МАКФАКС.






