Русите извршија ракетен напад врз Киев, шестмина се повредени; Трамп: Никогаш не сме биле поблиску до крајот на војната

Русите извршија ракетен напад врз Киев, шестмина се повредени; Трамп: Никогаш не сме биле поблиску до крајот на војната

пред 2 часа

Шест лица се повредени во рускиот ракетен напад врз Киев во текот на ноќта, при што е оштетена и транспортната инфраструктура. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп, по разговорот меѓу американскиот пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин, тврди дека крајот на војната никогаш не бил поблиску.

Напади со беспилотни летала и ракети
Во текот на ноќта, украинската армија издаде предупредување за балистички ракети кои доаѓаат од правец на источна Русија. Руските власти соопштија дека во текот на ноќта пресретнале беспилотни летала, од кои околу 160 се движеле кон Москва.

Нападите уследија по средбата меѓу Виткоф и Путин во Санкт Петербург во средата, еден ден по разговорите во Осло со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски повика на прекин на борбите на постојните позиции, како прв чекор кон преговори.

Трилатерални преговори по американските избори на средината на мандатот
Дипломатскиот советник во Кремљ, Јуриј Ушаков, по тричасовната средба изјави дека Москва е подготвена да продолжи со трилатералните преговори со Киев и Вашингтон, но не веднаш, туку „околу 10 ноември“. Според Москва, преговорите треба да продолжат по американските избори на средината на мандатот, додека борбите ќе продолжат сè дотогаш.

Зеленски ја поддржува таквата средба, но сака таа да се одржи „што е можно поскоро“. „Агендата е јасна: крај на војната, промовирање на мирот и подготовка на сè потребно за средба на ниво на лидери“, рече тој.

Трамп: „Можеби никогаш не сме биле толку блиску“
Во средата, Трамп повтори дека крајот на војната е близу. „Неодамна разговарав со Владимир Путин за завршување на неговата војна со Украина и мислам дека се приближуваме. Можеби никогаш не сме биле толку блиску“, рече тој.

Путин, кој ја започна офанзивата против Украина во февруари 2022 година, систематски одбива директна средба со Зеленски и сака да го окупира преостанатиот дел од источна Украина. Ушаков изјави дека предлозите на Киев и европските лидери, претставени во Осло, „не содржеле речиси ништо“.

Текстот Русите извршија ракетен напад врз Киев, шестмина се повредени; Трамп: Никогаш не сме биле поблиску до крајот на војната е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top