Русија ќе гради сопствена вселенска станица

пред 4 години

Руската вселенска агенција соопшти дека сака да формира своја вселенска станица до 2025 година затоа што Москва има намера да се повлече од Меѓународната вселенска станица (ISS).

Шефот на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, објави дека започнала изградбата на првиот модул на новата станица, откако официјални лица предупредија дека Русија размислува да ја напушти ISS, една од ретките подрачја на соработка меѓу Москва и западните земји. Објавата доаѓа во време на тензии во врска со обвинувања за шпионажа, групирање на сè поголем број руски и западни трупи на границите на Украина, нови санкции на Вашингтон кон Москва и влошена здравствена состојба на Алексеј Навални, главниот критичар на политиките на претседателот Владимир Путин.

„Се работи на првиот модул од новата руска орбитална станица“, рече Рогозин. Тој кажа дека руската корпорација „Енергија“ планира модулот да биде подготвен за лансирање во 2025 година.

Започната во 1998 година, Меѓународната вселеснска станица е еден од најамбициозните проекти за човечка соработка во историјата. Во неа се вклучени Русија, САД, Канада, Јапонија и Европската вселенска агенција.

Рускиот вицепремиер Јуриј Борисов неодамна изјави дека Москва размислува да ја напушти ISS од 2025 година поради застареноста на станицата. „Роскосмос“ пак вчера објави дека одлука за напуштање на станицата сè уште не е донесена.

„Откако ќе донесеме одлука, ќе започнеме преговори со нашите партнери за формите и условите за соработка по 2024 година“, соопшти руската агенција.

Минатата година Русите го загубија монополот за испраќање астронаути на ISS од космодромот во Бајконур, Казахстан, по првата успешна мисија на американската компанија „Спејс Екс“.

Русија има славна историја на истражување на вселената, а овој месец ја одбележа 60-годишнината од првиот лет на вселената на Јуриј Гагарин.

Сепак, вселенската програма на земјата се соочува со тешкотии во последните неколку години. Рогозин објави голем број амбициозни планови, но неговата агенција се потешко се справува со намалувањата во буџетот, а аналитичарите велат дека Путин е повеќе заинтересиран за воена технологија отколку за истражувања на вселената.

Share
Scroll to Top