Руските воени авиони беа оштетени, но не уништени во украинскиот напад на 1 јуни, изјави заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, додавајќи дека авионите ќе бидат поправени.
Украинските напади беа насочени кон воени аеродроми во Сибир и на далечниот север, каде што Русија одржува тешки бомбардери, кои се дел од нејзиниот стратешки нуклеарен арсенал.
Според процената на Соединетите Американски Држави, погодени се до 20 воени авиони, од кои 10-ина се уништени, изјавија за „Ројтерс“ двајца американски функционери. Оваа бројка е приближно половина од онаа што претходно ја изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Рјабков, кој ја надгледува руската дипломатија во областа на контролата на оружјето, изјави за државната агенција ТАСС: „Дотичната опрема, како што изјавија и претставници на Министерството за одбрана, не е уништена, туку оштетена. Ќе биде обновена“.
Не е познато колку бргу Русија би можела да ги поправи или замени оштетените авиони, особено со оглед на сложеноста на технологијата, староста на некои авиони од советската ера и западните санкции, што го ограничуваат увозот на чувствителни компоненти.
Комерцијалните сателитски снимки направени по нападот со украински беспилотни летала покажуваат, според експертите, дека се оштетени руските стратешки бомбардери „ту-95“ и „ту-22“, кои Русија ги користела за ракетни напади врз Украина.
Според извори во Билтенот на атомски научници, Русија има флота од 67 стратешки бомбардери, вклучувајќи 52 „ту-95“ (познати како „Мечка-Х“ според класификацијата на НАТО) и 15 „ту-160“ (познати како „Блекџек“), од кои се проценува дека 58 се моментно во употреба.
Покрај тоа, Русија има 289 нестратешки борбени авиони и бомбардери, вклучувајќи ги „ту-22“, „су-24“, „су-34“ и „миг-31“.
Руските власти не кажаа точно кои авиони биле оштетени, но потврдија дека целите на нападот биле пет воени бази.
Текстот Руски функционер: Воените авиони беа оштетени, но не и уништени во украинскиот напад е превземен од МАКФАКС.