Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде

Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде

пред 18 минути

Еден ден по пораката на Владимир Путин дека Европа ризикува војна со Русија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, излезе пред новинарите во Брисел и испрати повеќе директни пораки. Тој зборуваше за руските закани, поддршката за Украина и улогата на САД во мировните преговори.

Руте рече дека состанокот на министрите е „јасен знак дека Путин греши“, додавајќи: „Путин верува дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде“. Истакна дека помошта на НАТО прави разлика на теренот, особено системите за противвоздушна одбрана.

Тој предупреди на „реални и трајни опасности“ што доаѓаат од Русија, споменувајќи сајбер-напади и повреди на воздушниот простор, и порача дека е потребна „непоколеблива будност“. Потсети дека сојузниците имаат цел – до 2035 година да вложуваат 5% од БДП во одбраната.

На прашањето за саботажите поврзани со Русија, меѓу кои и експлозијата на железничката пруга во Полска, Руте ги нарече нападите „крајно неодговорни“. Рече дека разузнавачките служби ќе ги расветлат деталите, но додаде: „Ќе реагираме на начин што самите ќе го одбереме – и тие ќе го почувствуваат тоа“.

Руте изјави дека само Доналд Трамп може да ја разбие блокадата во мировните преговори, пофалувајќи ја ангажираноста на неговиот тим. Одби да коментира дали Русија покажала поголема подготвеност за компромис, но рече дека НАТО мора да продолжи да ја притиска Русија преку вооружување на Украина и економски притисок.

Тој наведе дека Русија троши 40% од буџетот на одбраната и дека НАТО мора да одговори, а одлуките за мобилизација или вклучување жени во одбраната се одлуки на секоја држава поединечно.

За програмата ПУРЛ за набавка на оружје за Украина, Руте рече дека две третини од сојузниците веќе се приклучиле и дека распоредувањето на товарот е во многу подобра состојба. Истакна дека сојузниците обезбедуваат „постојан проток на оружје“ што создава притисок врз Русија.

Руте изрази уверување дека ЕУ ќе го реализира планот за користење на замрзнатиот руски имот за Украина, по најавата на Урсула фон дер Лајен за пакет од 79 милијарди евра. Доколку тоа не се оствари, рече, „треба да најдеме пари на друг начин“, додавајќи дека има целосна доверба во европското раководство.

Текстот Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top