Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Текстот Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта е превземен од МАКФАКС.






