САД им се закануваат на кинеските банки

САД им се закануваат на кинеските банки

пред 2 часа

Администрацијата на Трамп го зголемува финансискиот притисок врз Иран, таргетирајќи ги банките што учествуваат во нелегални трансакции во таа земја. Министерството за финансии на САД испрати писма до банките во Оман, Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг и Кина, наведувајќи дека има докази дека нелегални финансиски активности поврзани со Иран се одвиваат преку нивните системи. Кинеските банки се особено предупредени.

Според висок функционер на администрацијата кој сакаше да остане анонимен, испраќањето на писмата е првиот чекор кон воведување секундарни санкции врз овие банки. Таквиот потег би значел нивно исклучување од американскиот финансиски систем, што би им го отежнало значително работењето на глобално ниво.

Овие мерки се дел од поширока кампања наречена „Операција епски бес“, предводена од секретарот за финансии Скот Бесент. Тој вчера ги предупреди компаниите и земјите да не плаќаат транзитни такси на Иран преку Ормутскиот теснец, нагласувајќи дека тоа ги изложува на ризик од секундарни санкции од САД.

Во писмото до банките се нагласува целта на овие мерки. „Сега е време конечно да се спречи Иран да го поддржува тероризмот, да го загрозува регионот и глобалните пазари и да продолжи да ги развива своите нуклеарни и балистички програми, кои се забранети од Обединетите нации“, се вели во писмото. Дополнителен притисок врз Техеран е фактот дека ослободувањето на САД за продажба на иранска нафта на море истекува на 19 април.

Бесент денес на прес-конференција во Белата куќа изјави дека две кинески банки добиле писма од Министерството за финансии на САД со кои ги предупредуваат дека САД се подготвени да воведат секундарни санкции доколку се покаже дека на нивните сметки има ирански пари.

Тој не откри за кои кинески банки станува збор.

 

фото/Depositphotos

Текстот САД им се закануваат на кинеските банки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top