Се шират теории дека претседателот на Хаити го убиле Американци

пред 3 години

Привремениот премиер на Хаити, Клод Џозеф, го потврди убиството на претседателот на државата, Жовенел Моиз, кој денеска рано утрото беше убиен во неговиот дом. Тој истакна дека резиденцијата на претседателот во Порт-о-Пренс била нападната од вооружена група луѓе околу еден часот по полноќ по локално време.

Сопругата на претседателот, првата дама на Хаити, беше повредена во нападот.

Полека почнуваат да се откриваат детали за нападот и убиството, но и разни теории за тоа што се случило, кои биле напаѓачите итн. Автомобилот и видеото што наводно е направено за време на нападот се појавија на социјалните мрежи.

Американскиот весник од Флорида, „Мајами Хералд“, пишува дека напаѓачите за време на нападот тврделе дека тие биле агенти на ДЕА-Американската агенција за контрола на лекови. Наводно, тоа било слушнато и снимено од луѓе во близина на резиденцијата на претседателот за време на нападот.

На снимката се слуша како некој со американски акцент на англиски јазик зборува преку мегафон: “Операција на ДЕА. Сите на земја. Ова е операција на ДЕА. Сите се повлекуваат и остануваат легнати”.

„Хералд“ понатаму пишува, повикувајќи се на свои извори, дека напаѓачите, од кои едниот зборувал американски англиски, не биле агенти на ДЕА.

Соседите изјавиле дека слушнале пукотници и виделе група мажи облечени во црно како трчаат околу резиденцијата на претседателот. Исто така се споменуваат и експлозии на гранати и беспилотни летала.

Убиениот претседател во минатото мораше да се соочува со протести во услови на растечка политичка и уставна криза. Поставени се прашања за неговата легитимност и тој е обвинет за корупција. Тој исто така беше обвинет за употреба на вооружени банди за да остане на власт.

Привремениот премиер обвини група командоси за нападот, како што напиша на Твитер: „со странски елементи“, објави новинарот Ле Нувелист, како што пренесува „Дојче веле“.

Share
Scroll to Top