Сириска ракета земја-воздух експлодира утринава до нуклеарен реактор во јужен Израел, соопштија израелски воени извори.
Засега нема извештаи за штети или повредени.
Израелската војска соопшти дека возвратила со напад на ракетни инсталации во Сирија, вклучително и онаа од која е испукана ракетата што паднала на израелска територија.
Сириската новинска агенција објави дека таму противвоздушната одбрана пресретнала израелски напад насочен кон област недалеку од главниот град Дамаск каде биле стационирани проирански милиции.
„Нашата воздушна одбрана пресретна израелски ракети и собори повеќе од нив“, соопшти сириската агенција.
Четири сириски војници се повредени во израелскиот контранапад, а причинета е и материјална штета.
Израелските медиуми со недели известуваат дека војската ја зајакнува воздушната одбрана околу реакторот Димона во очекување на напади од ракети или беспилотни летала со долг дострел.