Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.
Текстот „Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година е превземен од МАКФАКС.






