Сомнеж за ебола во Италија

Сомнеж за ебола во Италија

пред 1 час

Во градот Каљари, на италијанскиот остров Сардинија, итно се активирани сите медицински и безбедносни протоколи поради сомнеж за случај на опасниот вирус ебола. Едно лице со симптоми кои одговараат на овој вирус е итно пренесено на одделението за инфективни болести, јавува „Еуроњуз“.

Акцијата за преземање на пациентот предизвикала голема вознемиреност кај локалното население. На терен излегле полицијата, противпожарната служба и локалните редари.

Лекарите и медицинскиот персонал влегле во станот на пациентот облечени во целосни заштитни костуми (скафандери) и специјални маски. Според пишувањето на локалниот весник „Ла Нуова Сардења“, се верува дека станува збор за лице кое неодамна се вратило од патување во странство, но неговото државјанство не се открива. Пациентот со посебно изолирано возило на брза помош бил префрлен во болница.

Италија бара итна европска реакција и контрола на границите

Поради сериозноста на ситуацијата, Рим веднаш алармирал на европско ниво. Италијанската премиерка Мелони предложи прашањето за управување со границите итно да се стави на дневен ред на состанокот на Европскиот совет, кој ќе се одржи на 18 и 19 јуни.

Пред овој состанок, владата во Рим побара итни чекори, односно уште следната недела да се одржи итна видеоконференција на сите министри за здравство на земјите од ЕУ. Исто така, тие бараат на 16 јуни да се дефинираат оперативните приоритети на Советот за вработување, социјална политика, здравство и потрошувачки прашања. Како конкретна помош на терен, Италија веќе испрати свои врвни експерти од познатата болница „Спаланцани“ директно во Демократска Република Конго за да помогнат во сузбивање на заразата.

Состојбата во Африка е алармантна: Над 1.100 сомнежи за ебола

Дека ситуацијата е сериозна потврдуваат и најновите официјални бројки од Африканските центри за контрола и превенција на болести.

До 30 мај, во Демократска Република Конго и во Уганда се потврдени 263 случаи на ебола и дури 43 смртни исходи. Она што најмногу ги загрижува епидемиолозите е фактот дека бројот на сомнителни случаи веќе надминува 1.100 лица.

„Епидемијата погодува регион кој е под огромен притисок и ризикот од регионално и глобално ширење на вирусот е реален“, предупреди Жан Касеја, генерален директор на Африканските центри за контрола на болести.

Текстот Сомнеж за ебола во Италија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top