Постојаните најави за можен руски напад, како и акумулацијата на руски војници долж украинската граница предизвикуваат страв, сомнежи и паника во таа земја. Многу спортски и културни настани се откажуваат, клубовите одат на продолжени подготовки во странство, бараат нови засолништа, а според најтиражниот киевски дневен весник „Украинска правда“, забележан е невиден одлив на олигарси и претприемачи од Украина во последните неколку дена.
Според медиумите, толкав чартер и приватни летови до европските дестинации викендов не се евидентирани во последните шест години.
Меѓу оние кои ја напуштија Украина е и најбогатиот (според листата на Форбс) Украинец, тежок нешто помалку од осум милијарди долари, Ринат Ахметов, инаку сопственик на фудбалскиот клуб Шахтјор од Доњецк, кој моментално е во егзил во Лавов. Неговиот авион со околу 30 седишта е забележан како лета кон Цирих.
И вториот по богатство, од околу пет милијарди долари, Виктор Пинчук, зет на поранешниот украински претседател Леонид Кучма, со своја придружба одлета во Виена.
Борис Колесников, кој има нешто поскромна банкарска сметка – преку милијарда долари, полета за Прага. Но тој вели дека само авионот полетал, не и тој. Наводно, се уште е во Киев.
Интересен е случајот со Олександр Јарославски, кој е меѓу првите десет најбогати Украинци, чија автомобилска поворка што се движела кон аеродромот во Киев згазила пешак, но тоа, според „Украинска правда“, не го спречило олигархот да одлета во егзил во странство.
Весникот наведува пет други милијардери – Вадим Новински, помладиот партнер на Ахметов, член на проруската платформа „Опозиција за живот“ и партискиот пратеник Игор Абрамович, исто така милијардер кој изнајмил авион за 50 луѓе и долетал за Виена, но рекол дека отишол на деловна средба и забава.
Одлетаа и Вадим Столар, поранешен пратеник на Партијата на регионите, пребегнатиот претседател Виктор Јанукович и Василиј Хмелницки, претприемач близок до поранешната украинска челична госпоѓа Јулија Тимошенко, како и Ендрју Ставницер, милионер и почесен конзул на Австрија во Одеса.
Меѓу оние кои се засолниле е и соработникот на поранешниот претседател Петро Порошенко, Вадим Нестеренко, кој е член на партијата Солидарност во Врховната Рада.