Татко на убиено дете од „Рибникар“: Секој 3 мај се сеќаваме на последниот ден на нашите деца

Татко на убиено дете од „Рибникар“: Секој 3 мај се сеќаваме на последниот ден на нашите деца

пред 57 минути

Анѓелко Аќимовиќ, татко на покојната Ангелина, која беше убиена во масакрот во Основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, изјави дека болката и тагата не стивнуваат ниту три години по трагедијата.

По положувањето цвеќе и палењето свеќи пред училиштето на Врачар во Белград, тој за „Курир“ рече дека секоја годишнина ги враќа родителите во последните моменти кога ги испратиле своите деца на училиште.

„Преовладува чувство на горчина и голема тага. Секоја годишнина се сеќаваме на сите моменти, од последниот пат кога ги испративме нашите деца на училиште. Утрово положивме цвеќе и запаливме свеќи. Во такво расположение живееме“, изјави Аќимовиќ.

Тој нагласи дека од денот на трагедијата почнала и нивната најголема животна борба – борбата за правда и вистина.

„Кога ќе се сетиме каква беше нашата Гина, колку беше борбена, силна и праведна, немаме избор. Во спротивно би ги предале сите нејзини идеали“, рече тој.

Аќимовиќ се осврна и на судскиот процес против родителите на малолетниот напаѓач, изразувајќи очекување дека ќе заврши во наредните недели и дека ќе има осудителна пресуда.

„Тоа не ни е никаква сатисфакција, бидејќи убиецот на нашите деца не е кривично одговорен поради возраста. На нас останува да извлечеме поука и да создадеме стратегија за вакво нешто никогаш да не се повтори“, изјави тој.

Тој посочи и на напредокот на повредените во трагедијата, наведувајќи дека дел од нив направиле значителни чекори во закрепнувањето.

Во масовното убиство во „Рибникар“ беа убиени девет ученици и училишниот чувар, додека пет деца и наставничка беа ранети.

Денеска, на третата годишнина од трагедијата, родителите на жртвите повторно положија цвеќе и запалија свеќи пред училиштето, а граѓаните во текот на денот можат да се запишат и во книгата на сеќавање.

Текстот Татко на убиено дете од „Рибникар“: Секој 3 мај се сеќаваме на последниот ден на нашите деца е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top