Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека масовниот прекин на летовите на аеродромите низ САД може да биде поврзан со застарената опрема за контрола на воздушниот сообраќај. Тој отфрли дека проблемот бил предизвикан од сајбер-напад или од вештачка интелигенција, пренесува „Фокс њуз“.
Американскиот министер за транспорт Шон Дафи изјави дека дефектот бил предизвикан од застарената технологија и дека за нејзина целосна замена се потребни 50 милијарди долари, кои треба да ги одобри Конгресот.
„Нашите рутери беа преоптоварени со податоци и почнаа да покажуваат недоследности. Поради тоа го исклучивме системот“, рече Дафи.
Тој посочи дека администрацијата на Трамп уште од минатата година бара од Конгресот целосно да го финансира изградбата на нов систем за контрола на воздушниот сообраќај.
Според последните податоци на веб-страницата „Флајтавер“, која го следи авионскиот сообраќај, бројот на одложени и откажани летови во САД поради дефектот надминал 15.000, пренесува ТАСС.
Од нив, 8.501 лет во рамки на САД, кон или од земјата бил одложен, додека 7.218 летови биле откажани.
Претходно, американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА) нареди привремена забрана за полетување од аеродромите низ целата земја, која траеше околу четири и пол часа. Летовите потоа беа обновени, но со доцнења и откажувања.
Текстот Трамп: Застарената опрема може да биде причина за прекинот на летовите во САД, потребни се 50 милијарди долари за нов систем е превземен од МАКФАКС.




