Американскиот претседател, Доналд Трамп, назначи 22-годишник за раководител на главниот центар за спречување на тероризам на Министерството за внатрешна безбедност. Тој претходно работел како градинар и продавач во маркет.
Кариерата на Томас Фугејт тргна во миг. Само една година по дипломирањето, 22-годишникот без видливо искуство во националната безбедност сега е службеник во Министерството за внатрешна безбедност на САД, задолжен за главната владина агенција за спречување на тероризам.
Белата куќа го назначи Фугејт, кој претходно работеше во кампањата на Трамп и беше практикант во десничарската Фондација Херитиџ, на позиција во Министерството за внатрешна безбедност, која подоцна беше проширена за да го вклучи и Центарот за програми и партнерства за превенција (CP3). Канцеларијата ги води националните напори за спречување на злосторства од омраза, пукања во училиштата и други форми на целно насилство.
ProPublica известува дека назначувањето на Фугејт е најновиот шок за канцеларијата која е практично уништена откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа и започна со ревизија на политиката за национална безбедност, фокусирајќи се речиси исклучиво на имиграцијата.
Веста за назначувањето предизвикува загриженост кај експертите за борба против тероризмот и непрофитните организации финансирани од CP3. Неколкумина признаа дека морале да побараат информации за Фугејт на LinkedIn – бидејќи никој во индустријата не го познавал.
Според неговиот профил, тој работел во супермаркет во Остин дури до август 2023 година како „член на тимот со повеќе функции“.
„Вршам разни задачи во секој оддел од продавницата, исполнувајќи клучни должности што придонесуваат за работењето на продавницата“, напишал Фугејт во своето CV.
Неговата прва работа во 2020 година била уредување на пејзажи. Тој напишал дека работи за своја компанија и дека неговата работа вклучува „косење тревници, корнење плевел, рабови на тревници и чистење на остатоци“.
Фугејт, исто така, завршил четиримесечен стаж во 2023 година во Фондацијата Херитиџ, конзервативен тинк-тенк кој стои зад контроверзниот „Проект 2025“, визија за целосна реконструкција на федералната влада.
Висок функционер во Центарот за програми и партнерства за превенција изјави за ProPublica дека на Фугејт „привремено му се дадени дополнителни лидерски одговорности поради неговиот успех“.
„Тоа е признание за неговиот ентузијазам за работата и неговиот успех на работното место“, рече функционерот.
Сепак, истражувачите за борба против тероризмот наводно се загрижени за назначувањето на Фугејт, со оглед на неговото неискуство.
„Можеби е чудо од дете. Можеби е како Дуги Хаузер и има што е потребно за да води канцеларија на 21 година. Но, тоа веројатно не е случај. Звучи како да поставиле практикант на чело“, изјави еден истражувач за ProPublica.
Текстот Трамп назначи 22-годишен градинар за шеф на канцеларијата за спречување на тероризам е превземен од МАКФАКС.