Трамп: Не размислувам да испратам ракети „Томахавк“ во Украина

Трамп: Не размислувам да испратам ракети „Томахавк“ во Украина

пред 6 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека всушност не размислува да ѝ даде на Украина крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел.

На прашањето на новинарите во „Ер Форс Уан“ дали размислува да ѝ го даде оружјето на Украина, Трамп одговори: „Не, не баш. Можеби ќе има промена, но во овој момент не го разгледувам тоа“.

Пентагон даде одобрение, одлуката зависи од Трамп
Пентагон одобри Белата куќа да испрати крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина откако процени дека тоа нема негативно да влијае на снабдувањето на САД, а конечната политичка одлука зависи од претседателот Доналд Трамп, потврдија тројца американски и европски функционери запознаени со ова прашање, објави Си-ен-ен во петокот.

Трамп призна претходно овој месец на работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа дека би претпочитал да не ѝ ги дава ракетите на Украина бидејќи му се потребни за да ги заштити Соединетите Американски Држави. Здружениот штаб на американските вооружени сили ја информираше Белата куќа за својата проценка претходно овој месец, пред состанокот на Трамп со Зеленски.

Украинскиот претседател ги бара ракетите за да може поефикасно да ја нападне нафтената и енергетската инфраструктура длабоко во Русија. Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од околу 1.600 километри. Трамп неколку дена пред средбата со Зеленски рече дека САД имаат „многу ракети Томахавк“ што потенцијално би можеле да ѝ ги дадат на Украина.

фото: принтскрин

Текстот Трамп: Не размислувам да испратам ракети „Томахавк“ во Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top