Трамп повеќе не е на листата на 400 најбогати Американци

пред 3 години

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп веќе не е доволно богат за списанието „Форбс“ да го стави на листата на 400 најбогати Американци.

Во моментов се проценува дека Трамп вреди 2,5 милијарди долари, што го става 400 милиони долари под лимитот за оваа година, објави бизнис списанието.

Минатата година, Трамп беше рангиран на 339 -то место на листата, но од „Форбс“ изјавија дека тој оваа година не влезе меѓу првите 400, бидејќи неговото богатство се намали за 600 милиони долари од почетокот на пандемијата. Според „Форбс“, технолошките акции, криптовалутите и другите средства „процветале“ за време на ерата на пандемијата.

„Но, недвижностите во големите градови, кои го сочинуваат најголемиот дел од богатството на Трамп, не процветаа, исфрлајќи го поранешниот претседател од најексклузивниот национален клуб“, пишува списанието.

Трамп беше на листата секоја година од 1996 година. Од 1997 до 2016 година, годината кога беше избран, се најде во горната половина на листата. Неговиот пад, сепак, започна во 2016 година, и оттогаш Трамп продолжи да паѓа на ранг -листата, пред сегашната состојба кога е исфрлен од листата.

Според проценките, Трамп беше на врвот на своето богатство во 2015 година, кога „Форбс“ го процени неговото богатство на 4,5 милијарди долари. Следната година, богатството вредеше 3,7 милијарди долари, а од 2017 до 2019 година, 3,1 милијарди долари.

Трамп во неколку наврати рече дека да биде претседател го чинеше милијарди долари. За време на неговиот мандат, Трамп го предаде управувањето на својот корпоративен конгломерат на своите синови, но компаниите останаа во негова сопственост.

Share
Scroll to Top