Трамп повторно го одложи рокот за Иран: Нафтата скокна над 111 долари

Трамп повторно го одложи рокот за Иран: Нафтата скокна над 111 долари

пред 5 часа

Цените на нафтата денес пораснаа на меѓународните пазари над 111 долари, поради сомнежи кај инвеститорите дека САД и Иран би можеле наскоро да го решат конфликтот преку преговори.

На лондонскиот пазар, попладне барел се тргуваше по цена повисока за 3,46 долари во однос на вчерашното затворање, односно 111,47 долари. На американскиот пазар цената беше повисока за 4,08 долари и изнесуваше 98,56 долари.

Пазарите на крајот на неделата го игнорираа повторното американско поместување на рокот за отворање на Ормуски теснец, пренесе „Индекс“.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно во последен момент го одложи рокот што му го постави на Иран за отворање на теснецот, овојпат за 10 дена.

Тоа би значело дека, доколку теснецот не биде отворен, САД од 6 април би можеле да нападнат иранска енергетска инфраструктура.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Кац изјави дека нападите врз Иран нема да запрат.

Иран, по американско-израелските напади кон крајот на февруари, ја презеде контролата врз Ормускиот теснец, забранувајќи транзит за бродови поврзани со Израел, САД и нивните сојузници.

Техеран тврди дека теснецот не е затворен, но додава дека транзит е дозволен само за бродови од „пријателски земји“, во координација со иранската морнарица.

Израел и САД и минатата ноќ нападнаа цели во Иран, додека иранската војска возврати со ракети и дронови кон Израел и американски бази во земјите околу Персискиот Залив.

Аналитичарите на ING, Ева Мантхеј и Ворен Патерсон, предупредуваат дека геополитичкиот ризик нема значително да се намали, бидејќи блокадата на Ормускиот теснец досега исфрлила околу осум милиони барели нафта дневно од пазарот, а под ризик е и многу поголема количина.

Во меѓувреме, Русија сигнализираше дека би можела да го забрани извозот на бензин.

Забраната би стапила на сила од 1 април и би важела за сите учесници на пазарот, според извори за агенцијата Интерфакс, по состанокот на вицепремиерот Александар Новак со директори на нафтени компании.

Досега забраната важеше само за компании што не произведуваат бензин.

Не било разговарано колку долго ќе трае забраната, но еден извор навел дека може да биде до три месеци.

Новак на состанок во министерството за енергетика изјавил дека владата треба што побрзо да преземе мерки за да спречи поскапување на горивата на бензинските станици и да обезбеди стабилност на домашниот пазар во услови на глобална енергетска криза, пренесе агенцијата ТАСС.

Според одделни пресметки на ОПЕК, барел од нафтената кошница на нејзините членки во четвртокот поскапел за 5,20 долари и достигнал цена од 122,16 долари.

Фото: Depositphotos

Текстот Трамп повторно го одложи рокот за Иран: Нафтата скокна над 111 долари е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top