Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека би можел да ги премести новинарите кои ја следат работата на Белата куќа на друга локација, со што дополнително би можел да се заостри неговиот судир со медиумите околу известувањето и пристапот до претседателската администрација.
„Можеби ќе ги преместам лажните медиуми на некоја локација каде што помалку ќе ме нервираат“, напиша Трамп во објава.
„Њујорк тајмс“ во вторникот објави дека Трамп уште во август побарал од тогашната портпаролка на Белата куќа, Каролин Ливит, прес-конференциите да не се одржуваат во досегашната сала за брифинзи, туку на друго место. Идејата, сепак, никогаш не била реализирана.
Според весникот, Трамп им рекол на своите соработници дека на местото на прес-салата би сакал повторно да има затворен терапевтски базен, каков што постоел за време на претседателскиот мандат на Френклин Делано Рузвелт. Администрацијата на Ричард Никсон подоцна го претворила базенот во просторија за новинарите.
Трамп ги отфрли извештаите дека планира да го обнови историскиот базен на местото на прес-салата, оценувајќи дека таквата идеја никогаш не му паднала на ум.
Судир со медиумите
Трамп редовно ги обвинува американските медиуми за пристрасно известување за неговата администрација. Минатиот месец, накратко им беше забранет пристапот до Белата куќа на новинари од Си-ен-ен, Ем-ес-ен-би-си и „Политико“, а претседателот најави дека слични ограничувања би можеле да погодат и други медиуми.
Застапниците на слободата на говорот оценија дека потегот го прекршува Првиот амандман на американскиот Устав, кој ја штити слободата на медиумите.
Пристапот на новинарите беше обновен по одлука на федерален судија, кој оцени дека забраната веројатно е неуставна. Администрацијата на Трамп, сепак, продолжува да ја оспорува судската одлука.
Текстот Трамп се закани дека ќе ги премести новинарите од Белата куќа: „Помалку ќе ме нервираат“ е превземен од МАКФАКС.





