Трамп се откажа од ултиматумот за Украина

Трамп се откажа од ултиматумот за Украина

пред 55 минути

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се повлече од ултиматумот што ѝ го даде на Украина да го прифати американско-рускиот мировен план до четврток и ги минимизираше извештаите дека неговиот преговарач Стив Виткоф ги советувал Русите како да му пристапат во врска со договорот.

Според Ројтерс, Трамп разговарал со новинарите на авионот „Ер Форс Уан“, на пат кон Флорида за Денот на благодарноста.

„Напредок во преговорите“

Трамп рече дека американските преговарачи постигнуваат напредок во разговорите со Русија и Украина и дека Москва се согласила на некои отстапки, без да образложува.

Рамката на САД за завршување на војната, за која првпат објави Ројтерс минатата недела, предизвика загриженост во Европа и Киев дека администрацијата на Трамп се обидува да изврши притисок врз Украина да прифати договор во голема корист за Москва.

Трамп потврди дека неговиот претставник Стив Виткоф ќе отпатува во Москва следната недела за да се сретне со Владимир Путин, и дека неговиот зет Џаред Кушнер, кој беше вклучен во постигнувањето кревко примирје во војната меѓу Израел и Хамас, е исто така вклучен во процесот.

Од строг рок до повлекување
Трамп во последните денови го таргетираше Денот на благодарноста, овој четврток, како датум до кој сака Украина да се согласи на договор што би ја завршил војната со Русија. Но, тој и неговите помошници сега го напуштаат „строгиот рок“.

„Мојот рок е кога ќе биде готово“, рече Трамп во претседателскиот авион.

Блумберг: Виткоф им дал упатства на Русите како да им пристапат на Трамп
Блумберг њуз претходно објави дека Виткоф во телефонски разговор на 14 октомври со Јуриј Ушаков, главниот советник за надворешна политика на Путин, рекол дека треба да „работат заедно“ на план за прекин на огнот и дека Путин треба да му го презентира предлогот на Трамп.

Според Блумберг, Виткоф советувал и како да се организира евентуален телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред посетата на Володимир Зеленски на Белата куќа и како да се искористи неодамна постигнатиот договор за Газа како „влезна точка“.

Запрашан за тие наводи, Трамп рекол дека не ја слушнал снимката од разговорот на која се темели текстот на Блумберг, но тоа – како што тврди – не го изненадува. „Знаете, тоа е сосема стандардна форма на преговори“, рекол Трамп. „Претпоставувам дека истото ѝ го кажува и на Украина“.

„Русија има предност на бојното поле“
Трамп исто така рекол дека Русија во моментов се чини дека има предност во војната и дека би било „во најдобар интерес на Украина“ да се постигне договор. Според него, дел од украинската територија би можела да биде освоена од Москва секако „во следните неколку месеци“.

Трамп исто така потврдил дека се преговараат безбедносни гаранции за Украина со европските партнери.

фото: принтскрин

Текстот Трамп се откажа од ултиматумот за Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top