Американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе пристигне со околу три часа задоцнување на Светскиот економски форум во Давос, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
„Верувам дека претседателот Трамп ќе доцни околу три часа“, рече Бесент на прес-конференција во Давос, одговарајќи на новинарско прашање за доцнењето на авионот „Ер Форс 1“.
Трамп треба да се обрати пред светските лидери во текот на денот. Според медиумите, на форумот во Давос тој доаѓа со голема делегација од советници и членови на администрацијата.
Како што јави „Би-Би-Си“, во американската делегација се и државниот секретар Марко Рубио, шефицата на кабинетот Сузи Вајлс и нејзиниот заменик Џејмс Блер, како и портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит. Со Трамп во Давос пристигнуваат и политичкиот советник Стивен Милер, како и советникот за национална безбедност Роберт Габриел, кој неодамна беше именуван како последен член на „основачкиот извршен одбор“ на Трамповиот Одбор за мир.
Претседателскиот авион на САД, кој беше на пат кон Давос, се вратил назад во Мериленд помалку од еден час по полетувањето, поради „мал проблем со електриката“, соопшти портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит.
Според „Си-Би-Ес“, Трамп продолжил со втор авион, кој полетал еден час подоцна. Ливит изјавила дека по поаѓањето од заедничката база Ендрјус, екипажот идентификувал мал електричен проблем и од претпазливост одлучил да се врати. Авионoт слетал назад во базата во 23:07 часот по локално време, а новиот полетал за Давос околу полноќ.
Новинарите известуваат дека светлата во новинарската кабина накратко се изгаснале по полетувањето.
Трамп сепак ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос и се очекува да се обрати веднаш по слетувањето.
Фото: ЕПА
Текстот Трамп ќе доцни во Давос три часа поради проблемите со авионот е превземен од МАКФАКС.






