Турција: Млад човек загина додека помагал во борбата против пожарите

пред 3 години

25-годишниот Шахин Акдемир загина во пожар што вчера ја зафати областа Мармарис во Турција. Шахин загинал додека им помагал на пожарникарите кои се бореле со огнот.

Несреќниот млад човек, кога дознал дека пожарот неконтролирано се шири, се качил на неговиот мотоцикл и натоварил вода, а потоа им ја доставил на пожарникарите во загрозената област. За жал, кога тргнал да се враќа за повеќе вода, тој доживеал несреќа и бидејќи бил сериозно повреден, не успеал да се спаси од пожарот и трагично загинал. Според турските медиуми, пожарот го зафатил неговиот мотоцикл.

Во пресрет на трагедијата, овој храбар млад човек ги повикал пријателите на социјалните мрежи да им помогнат на пожарникарите.

„Ве молим носете вода, ние ќе продолжиме да носиме вода до пожарникарите, Бог да ни е на помош“, напишал тој во објава на социјалните мрежи.

Потоа информирал каде најмногу се шири пожарот и објавил фотографии од загрозената област, со уште еден апел до граѓаните да носат вода.

Трет ден по ред Турција се бори со страшните пожари што избија во близина на Анталија, Бодрум, Мармарис и неколку други локации, а најмалку три лица го загубија животот.

Огнената стихија кај Бодрум е локализирана, додека пожарникарите гасат пожари во други области дење и ноќе. Во гаснењето на пожарот беа вклучени повеќе од 20 летала и над 1.000 пожарникари.

Share
Scroll to Top