Ужас во Полска: на приватен имот пронајдени околу 30 човечки фетуси и медицински отпад

Ужас во Полска: на приватен имот пронајдени околу 30 човечки фетуси и медицински отпад

пред 1 час

Полската јавност е згрозена по откривањето на масовна гробница со човечки фетуси и медицински отпад на приватен имот во селото Луториж, во близина на Жешув, соопшти локалното Окружно обвинителство. Земјиштето претходно било во сопственост на 57-годишна патологинка, која во меѓувреме е приведена.

Грозоморното откритие уследило при изведување градежни работи од страна на новите сопственици на парцелата, кои веднаш ја алармирале полицијата.

„На имотот се пронајдени значителни количини медицински отпад, главно парафински блокови и микроскопски плочки. Меѓу отпадот е откриен човечки фетус, како и други остатоци за кои се верува се фетуси во рана фаза или нивни фрагменти“, изјави портпаролот на обвинителството, Кшиштоф Ќехановски, додавајќи дека судско-медицинските вештаци на терен потврдиле дека се работи за човечки остатоци.

Бројот на пронајдени тела се зголемува

Имало првични информации кои говореле за десетина фетуси, но медиумите доцна синоќа објавија дека истражителите досега ископале остатоци од околу 30 тела. Точната бројка ќе биде соопштена по комплетното вештачење и идентификација на пронајдениот материјал.

Осомничената патологинка хоспитализирана

Полицијата во градот Замошќ ја приведе поранешната сопственичка на парцелата, патологинката Магдалена Х. Нејзиното сослушување е одложено бидејќи за време на приведувањето ѝ се слошило, по што со брза помош била пренесена во болница.

Според неофицијални информации од истрагата, осомничената тврдела дека остатоците потекнуваат од материјали за патолошки испитувања. Се проверува и верзијата дека дел од медицинскиот отпад бил нелегално изнесен од болница за време на пандемијата на ковид-19.

Истрага за две тешки кривични дела

Обвинителството отвори истрага во две насоки: за сквернавење на мртво тело, дело за кое е предвидена казна затвор до две години, и за незаконско складирање опасен отпад, каде што максималната казна изнесува до 12 години затвор. Ексхумацијата и пребарувањето на теренот продолжуваат и следната недела.

Текстот Ужас во Полска: на приватен имот пронајдени околу 30 човечки фетуси и медицински отпад е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top