Украина објави нови снимки од историскиот напад врз флотата бомбардери на Путин. Киев користеше вештачка интелигенција во извршувањето на еден од најсмелите напади врз Русија во историјата.
Украинските безбедносни служби објавија ново видео од воената операција „Пајажина“ што беше спроведена на 1 јуни врз нуклеарните бомбардери на Русија.
„За време на операцијата, беше користена модерна технологија за контрола на беспилотни летала, која комбинира автономни алгоритми за вештачка интелигенција и рачна интервенција на операторот“, соопшти Службата за безбедност на Украина, или СБУ, главната агенција за контраразузнавање во земјата.
„За време на летот, некои дронови го изгубија сигналот и се префрлија на извршување мисија користејќи вештачка интелигенција по однапред планирана рута. Откако се приближија и контактираа со посебно одредена цел, боевата глава беше автоматски активирана“, додаде СБУ.
Како доказ, СБУ објави снимки што покажуваат украински дронови како удираат мотори, антени, крила и други делови од различни руски стратешки и извидувачки авиони на четири воени аеродроми.
Русија често ги користи овие аеродроми за бомбардирање на украинските градови со балистички и крстосувачки ракети.
„Меѓу погодените авиони беа „А-50“, „Ту-95“, „Ту-22“, „Ту-160“, како и „Ан-12“ и „Ил-78“, соопшти СБУ, тврдејќи дека нивната тајна операција предизвикала финансиска штета од над 7 милијарди долари за Русија.
Операцијата со беспилотни летала „Пајажина“ го шокираше светот со својата жестокост, при што некои заинтересирани набљудувачи ја фалеа Украина за препишување на правилата на модерното војување, а други, како специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изразија загриженост за тактиките, објаво Политико.
„Кога напаѓате дел од националниот систем за преживување на противникот, тоа значи дека вашето ниво на ризик се зголемува затоа што не знаете што ќе направи другиот… Тоа е многу храбар чин. И кога го правите тоа, многу е јасно дека нивоата на ризик ќе се зголемат. Тоа е она што се обидуваме да го избегнеме“, изјави Келог за „Фокс њуз“ во вторникот.
Текстот Украина објави ново видео од историскиот напад врз Русија: користена е вештачка интелигенција е превземен од МАКФАКС.