Унгарија пред критични пет дена: нискиот Дунав ја загрозува работата на нуклеарната централа „Пакс“

Унгарија пред критични пет дена: нискиот Дунав ја загрозува работата на нуклеарната централа „Пакс“

пред 6 часа

Унгарија влегува во пет критични дена поради историски нискиот водостој на Дунав и новиот топлотен бран што ја зафати земјата, предупреди премиерот Петер Маѓар. Поради недостигот на вода за ладење, единствената нуклеарна централа во земјата, „Пакс“, за првпат по повеќе од четири децении се соочува со целосно запирање на работата.

Долготрајната суша и високите температури го намалија нивото на голем број европски реки, што создава проблеми за водоснабдувањето, речниот транспорт и производството на електрична енергија.

Нуклеарната централа „Пакс“, која има инсталирана моќност од околу два гигавати и четири реактори од руско производство, во неделата работела со само 10 проценти од капацитетот.

Причината е рекордно нискиот водостој на Дунав, од кој централата користи вода за системот за ладење. Според прогнозите на унгарската управа за води, нивото на реката, која тече од Германија до Црното Море, се очекува дополнително да опаѓа во наредните денови.

„Утре нуклеарната централа Пакс нема да произведува електрична енергија, а пред нас се најтоплите денови со температури до 40 степени. Енергетската мрежа, јавните служби и сите ние ќе бидеме под огромен притисок“, порача Маѓар во видеообраќање објавено на Фејсбук.

Унгарскиот премиер предупреди дека централата „Пакс“ би можела да остане надвор од функција со недели, доколку продолжи падот на водостојот.

Ниското ниво на Дунав веќе предизвика проблеми во речниот транспорт и туризмот, а според податоците на владата, повеќе од 100 градови и општини, вклучително и подрачја околу Будимпешта, вовеле ограничувања во потрошувачката на вода.

Маѓар упати апел до компаниите, јавните институции, локалните власти и домаќинствата значително да ја намалат или одложат потрошувачката на електрична енергија во периодот на најголемо оптоварување, од 17 до 22 часот.

Тој најави дека владата ќе одлучува за воведување задолжителни ограничувања за потрошувачката на струја кај големите компании.

Потпретседателот на партијата „Тиса“, Марк Раднаи, процени дека енергетската криза би можела да ја чини Унгарија меѓу 100 и 200 милијарди форинти, односно околу 315 до 630 милиони долари, поради наглото зголемување на цените на увезената електрична енергија.

Кризата со нискиот водостој на Дунав доаѓа во период кога голем дел од Европа се соочува со екстремни горештини и продолжени сушни периоди, кои сè почесто влијаат врз енергетската стабилност и економските активности.

Текстот Унгарија пред критични пет дена: нискиот Дунав ја загрозува работата на нуклеарната централа „Пакс“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top