Главниот епидемиолог на САД, Ентони Фаучи, изјави дека вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“ има добра ефикасност, но дека треба да се решат сомнежите за нејзината безбедност.
„ Мислам дека вакцината на „Астра зенека“ е добра вакцина во однос на ефикасноста, и ако се решат проблемите со безбедноста во Европската унија, ефективноста на вакцината е навистина добра“, изјави Фаучи за радио БиБиСи.
Европските регулатори ја тестираат вакцината на „Астра зенека“ за појава на ретки појави на згрутчување на крвта. Сè уште не е одобрена во САД.
Европските регулатори идентификуваа можна врска помеѓу вакцините и тромбите, но нагласуваат дека придобивките од вакцините ги надминуваат ризиците.
Повеќе од дванаесет земји ја прекинаа употребата на вакцината, но потоа продолжија да ја користат, а некои воведоа минимална граница на возраста, вклучително и Франција, Холандија и Германија.
Официјални лица во Велика Британија ги советуваа луѓето на возраст под 30 години да добијат друга вакцина.
Вакцината на „Астра зенека“ е далеку најевтина досега и не бара посебни услови за чување на екстремно ниски температури како некои други вакцини, па затоа е главната вакцина во многу кампањи за вакцинација.