Фајзер: Нашата вакцина не е доволно ефикасна за малите деца, додаваме трета доза

пред 3 години

Фармацевтската компанија „Фајзер“ вчера објави дека тестовите на нејзината вакцина против Ковид-19 на деца на возраст од 2 до 5 години покажуваат дека таа не го обезбедила очекуваниот имунитет кај децата на таа возраст и препорачува воведување трета доза.

Студијата покажала дека две дози од вакцината Фајзер/Бионтек прилагодени на деца не го создале очекуваниот имунитет кај оваа група на деца. По анализата на податоците, компанијата одлучи да вклучи трета доза за сите деца и бебиња на возраст од 6 месеци до 5 години во својата програма за тестирање вакцини.

„Клиничките испитувања сега ќе вклучуваат проценка на ефективноста на третата доза од 3 микрограми, која ќе се дава најмалку два месеци по примањето на втората доза за да се обезбеди високо ниво на заштита за оваа возрасна група“, соопшти компанијата.

Дозите се прилагодени за помалите деца

„Фајзер“ ја намали дозата дадена на помалите деца во споредба со онаа дадена на возрасните. Имено, за возрасната група од 12 и повеќе години дозата е 30 микрограми, за деца од 5 до 11 години 10, а за најмладите 3 микрограми.

Прелиминарните студии покажаа дека оваа намалена доза треба да предизвика силен имунолошки одговор кај децата и да го намали ризикот од несакани ефекти. Сепак, најновите податоци покажуваат дека овој режим на вакцинација со намалени дози не го произвела очекуваниот имунолошки одговор кај децата на возраст од 2 до 5 години.

„Доколку студијата со три дози се покаже успешна, планираме да ги обезбедиме сите потребни податоци до регулаторните агенции во првата половина на 2022 година за да добиеме итно одобрение за деца од 6 месеци до 5 години“, соопшти Фајзер, пренесе Си-ен-ен.

Компанијата, исто така, ќе ја тестира ефикасноста на третата доза кај постарите деца, на возраст од 5 до 11 и од 12 до 15 години.

Share
Scroll to Top