Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во Сребреница пред 30 години, ја признава својата одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот и нема да дозволи историјата да се повтори, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во изјава по повод 30-годишнината од геноцидот во босанскиот град.
„ЕУ никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го прифаќаме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за неуспехот да се спречи и запре геноцидот“, изјави претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ нема да дозволи историјата да се повтори и „отфрла и осудува какво било негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и величењето на воените злосторници“.
Претседателката на Комисијата вели дека голема одговорност лежи кај политичките лидери, особено кај оние во Босна и Херцеговина и Западен Балкан.
„Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и вистинското почитување на жртвите. И тие мора активно да работат кон помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и попросперитетна иднина за следната генерација“, се вели во соопштението.
„Наша должност е да се сетиме и да ја зачуваме вистината за идните генерации точно да знаат што се случило. Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски егзекутирани и закопани во масовни гробници во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја опустоши Босна и Херцеговина“, рече претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека ЕУ е со нив.
„Остануваме целосно посветени на поддршката на вашата земја на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Вашите политички лидери треба да го направат својот дел за да се осигурат дека вашата земја ќе го најде своето место во срцето на нашата Унија, каде што припаѓа.“
По падот на Сребреница, семејствата пријавија дека 8.372 лица се исчезнати, а досега се пронајдени и ексхумирани останки на нешто помалку од седум илјади, додека потрагата по останатите е во тек.
Повеќето од идентификуваните се погребани на спомен-гробиштата во Поточари.
Текстот Фон дер Лајен: ЕУ знае дека е одговорна за неуспехот да се спречи геноцидот во Сребреница е превземен од МАКФАКС.