Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави целосно управува со координацијата на нападот врз Иран, како и дека времетраењето на конфликтот зависи од него, нагласувајќи дека главната цел на операцијата е трајно да се спречи Техеран да развива нуклеарно оружје.
„Како што реков од самиот почеток, претседателот Доналд Трамп ги држи сите карти во свои раце. Тој ќе одлучи за темпото, динамиката и времетраењето на овој конфликт“, изјави Хегсет за новинарите.
Според него, денес бројот на воздушни напади и бомбардери над Иран, вклучително и над главниот град Техеран, ќе биде најголем досега.
„Денес повторно ќе имаме најголем обем на напади извршени од Америка над небото на Иран и Техеран. Бројот на борбени летови и бомбардери ќе биде најголем досега и ќе продолжи да расте“, рече Хегсет.
Министерот за одбрана на САД денес изјави дека потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, е неопходен во креирањето на политиката на Вашингтон кон Иран, со порака дека Венс е „неопходен член и лидер на тимот“ во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за време на сегашниот конфликт.
Според АП, Хегсет рекол дека Венс има важна улога во обликувањето на пристапот на американската администрација кон војната со Иран и го опишал како „клучен глас“ и еден од најважните соработници во тимот што ги води одлуките за надворешна политика и безбедност.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно оваа недела изјави дека Венс имал „филозофски малку поинаква позиција“ на почетокот на војната, но ги отфрли тврдењата дека имало несогласување меѓу нив.
Порано денес, „Политико“ објави, повикувајќи се на неименувани високи американски претставници, дека Венс бил скептичен во врска со американските напади врз Иран.
Пит Хегсет денес изјави дека околностите на несреќата, во која загинаа четири члена на екипажот на американскиот авион за полнење гориво KC-135 во западен Ирак, се под истрага, додавајќи дека „се случуваат лоши работи“.
На брифинг во Пентагон, Хегсет рече дека падот на авионот е трагичен потсетник за ризиците од воените операции.
„Лоши работи можат да се случат. Војната е пекол. Војната е хаос“, рече Хегсет, според CBS News.
Текстот Хегсет: Трамп ги држи сите карти во свои раце, денес е планиран најголем напад врз Техеран е превземен од МАКФАКС.





