„Само револуцијата ќе го собори Владимир Путин“, рече Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија, пред да падне во немилост на Кремљ, додавајќи дека очекува Путин да продолжи да ги задушува протестите во Русија по инвазијата на Украина.
Михаил Ходорковски, кој стана еден од најмоќните руски олигарси за време на претседателот Борис Елцин во 1990-тите, рече дека се сомнева дека рускиот народ ја поддржува инвазијата на Украина.
„Јас сум во целосен шок поради тоа што се случи“, им рече Ходорковски на новинарите преку видео врска, зборувајќи за инвазијата. На моменти изгледаше на работ на солзи.
Додека тој зборуваше, руски ракети паднаа врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде семејствата се сместени во засолништа поради руската офанзива.
Педесет и осумгодишниот Ходорковски рече дека Владимир Путин сака да ја окупира Украина, да ја уништи нејзината одбрана и да формира марионетска влада во Киев. Тој додаде дека Западот треба да и помогне на Украина со вооружување на нејзиното население бидејќи таа инаку би се соочила со продолжена и можеби крвава окупација.
„Уривањето на режимот на Путин не може да се постигне со демократски мерки. Промената може да дојде само преку револуција – револуција одозгора или револуција одоздола“, рече Ходорковски, додавајќи дека револуцијата е можна како резултат на воен пораз или смрт на Путин.
Ходорковски го нарече 69-годишниот Путин, лидер на Русија од 1999 година, диктатор кој живее во строго контролиран информативен балон и кој мора постојано да се докажува пред своите блиски соработници.
Руските власти ги отфрлаат таквите критики и укажуваат на повторените победи на Путин на изборите и анкетите кои покажуваат дека тој останува популарен. Путин повеќепати го нарече Ходорковски криминалец.
Михаил Ходорковски беше осуден за даночно затајување и измама во судскиот процес во 2005 година во Москва, за кој рече дека бил поттикнат од неговите непријатели кои сакале да ја уништат неговата нафтена компанија и да го казнат за неговите политички амбиции. Тој секогаш ги негираше обвинувањата. Путин го помилува Ходорковски во 2013 година, по што тој ја напушти Русија.