Конфликтот на Блискиот Исток дополнително ескалира. Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, го нападнаа седиштето на саудискиот нафтен гигант „Арамко“, а товарен брод потона во Ормутскиот теснец по извршениот напад.
Хутите најавуваат нови напади врз саудиските аеродроми и нафтени постројки, додека американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста САД да им се придружат на саудиските напади против Хутите. Овие најнови настани дополнително ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на клучните нафтени постројки и поморските трговски патишта.
Оштетени се канцелариите на највисокото раководство на компанијата „Сауди Арамко“ во градот Дахран, во источниот дел на Саудиска Арабија.
Според двајца регионални претставници кои разговарале со „Асошиејтед прес“, оштетени се најгорните три ката од зградата – каде што се наоѓаат канцелариите на високите раководители на компанијата. Еден извор наведе дека била погодена и канцеларијата на извршниот директор.
Саудиското Министерство за енергетика го потврди нападот врз административната зграда на „Арамко“. Нема жртви ниту повредени лица. Извор од компанијата изјави за „Ројтерс“ дека комплексот бил погоден со балистичка ракета. Засега нема потврда дека нападот го запрел производството или извозот на нафта.
Хутите ја презедоа одговорноста за нападите и изјавија дека ќе продолжат да ги таргетираат саудиските аеродроми и нафтената инфраструктура. Хутите тврдат дека нападите се одговор на саудиските воени операции во Јемен. Тие ги означија своите цели како легитимни воени цели.
Истовремено, безбедносната ситуација се влошува во Ормутскиот Теснец, еден од најважните поморски премини за глобалната трговија со нафта.
BREAKING: IRGC RELEASE FOOTAGE OF THE CONTAINER SHIP “GFS PRIDE” SINKING AFTER IT WAS STRUCK BY A NAVAL MINE IN THE STRAIT OF HORMUZ https://t.co/PNgyVFR5aj
— Sulaiman Ahmed (@ShaykhSulaiman) October 14, 2026
Поморските власти на Сингапур потврдија дека два товарни брода што пловеле под сингапурско знаме биле погодени од неидентификувани проектили додека минувале низ теснецот. Контејнерскиот брод „GFS Pride“ бил погоден, при што избувнал пожар на бродот. Пловилото претрпело сериозни оштетувања и потонало. Сите 21 член на екипажот биле успешно евакуирани и не се пријавени повреди.
Вториот брод, „GFS Giselle“, бил погоден подоцна. Неговиот труп бил оштетен, но бродот успеал со сопствен погон да стигне до безбедно место за котвење. Сите 22 члена на екипажот се безбедни.
Сингапурските власти ги осудија нападите врз трговските бродови, оценувајќи ги како неоправдани и како кршење на меѓународното право.
фото/ЕПА
Текстот Хутите нападнаа седиште на нафтен гигант, брод потона во Ормутскиот теснец е превземен од МАКФАКС.




