Тoчно на полноќ, приближно две години по почетокот на пандемијата, Шведска ги укина сите епидемиолошки мерки, го прекина масовното и бесплатно тестирање за Ковид-19 и целосно ги отвори границите за сите граѓани на Европската унија.
Дури и бројките на заразени и починати исчезнаа од ударните позиции во шведските медиуми. Покрај пандемијата која и натаму е во ек (Шведска забележа десетици илјади позитивни тестови во последните денови), од утрово властите само потсетуваат на советите до невакцинираните да избегнуваат гужви во затворени простории и им препорачуваат на сите да останат дома доколку имаат симптоми на Ковид-19.
„Пандемијата не е завршена, но ограничувањата и рестркциите се. Сè уште има посебни совети за невакцинираните лица. Важно е сите граѓани да останат дома доколку имаат симптоми. Тие не мора да се тестираат освен ако не работат во сферата на здравството и социјалната заштита. За нив постојат посебни правила на однесување“, изјави шведската министерка за здравство, Лена Халенгрен, додавајќи:
„Сè уште има потреба луѓето да се вакцинираат. Доколку сте примиле две дози од вакцината, треба да земете и трета. За да продолжи заштитата од ширење на инфекцијата, но и од сериозна болест, потребни се три дози“.
Врз основа на одлуката на властите од денеска (среда), веќе не важат следните епидемиолошки мерки: задолжителна контрола за ковид-сертификат за сите јавни собири во затворени простории со повеќе од 50 луѓе, сите јавни собири во затворен простор мора да имаат места за седење, ограничување на јавните собири во затворени простории на 500 луѓе (во спортот 500 луѓе по трибина) и најмалку 10 квадратни метри простор по учесник.
Укинато е и затворањето на рестораните и баровите во 23 часот, ограничувањето од осум лица на маса во рестораните со најмалку еден метар растојание меѓу масите, како и тоа дека јавните простори како што се вежбалници, музеи, галерии, забавни паркови и базени мора да обезбедат најмалку 10 квадратни метри простор по посетител.
Укинати се и препораките за работа од дома, за избегнување на возрасните да учествуваат на масовни спортски натпревари и кампови, делумно да се одржува настава од далечина на универзитетите и да се носи маска во случај на метеж во јавниот превоз.
Исто така граѓаните на ЕУ/ЕЕА и Швајцарија повеќе не мора да докажуваат дека се вакцинирани или негативни на тестовите за ковид при влез во Шведска. Вратата е ширум отворена како и пред пандемијата.