Шефот на европската дипломатија повика на прекин на огнот меѓу Израел и Палестина

пред 4 години

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска повика на итен прекин на насилството и прекин на огнот меѓу Израел и Палестина.

„Целта е да се заштитат цивилите и да се овозможи пристап на хуманитарна помош до Газа“, рече Борел по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, додавајќи дека оваа изјава ја има поддршката на 26 од 27 земји-членки на ЕУ, освен Унгарија.

Борел оцени дека големиот број цивилни жртви, вклучително и жени и деца, е неприфатлив.

„Ние ги осудуваме ракетните напади од Хамас и другите терористички групи на израелска територија и целосно го поддржуваме правото на Израел да се брани но тоа треба да биде на пропорционален начин и со почитување на меѓународното хуманитарно право“, додаде Борел.

Борел исто така оцени дека е потребно вистинско политичко решение за безбедноста на Палестинците и Израелците. Иако сега приоритет е ставање крај на непријателствата, високиот претставник на ЕУ истакна дека треба да се воспостави политичка рамка после тоа за да се најде решение за повеќедеценискиот конфликт меѓу двете страни.

Унгарија денеска одби да ја поддржи изјавата на ЕУ со која се повикува на прекин на огнот меѓу Израел и Палестина, велејќи дека ваквите ставови се „делумни и неизбалансирани“.

“Имам проблем со европските изјави за Израел воопшто. Тие не помагаат многу, особено во сегашните околности кога тензиите се толку големи”, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за АФП.

Share
Scroll to Top