Шефот на ЦИА неочекувано и тајно ја посетил Москва

Шефот на ЦИА неочекувано и тајно ја посетил Москва

пред 8 часа

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Ратклиф вчера остварил ненадејна и тајна посета на Москва, беше потврдено вчера. Тоа е неговото прво јавно познато патување во руската престолнина, а се случи во време кога САД се обидуваат да ги прекинат војните во Украина и Иран, и кога Вашингтон собира разузнавачки информации за руските подготовки за нова мобилизација и ја тестира решителноста на НАТО, пишува The Wall Street Journal.

Мајкл Вајс, еден од најупатените американски новинари за прашањата на Русија и надворешната политика, верува дека главната цел на оваа мистериозна посета е директно предупредување до Кремљ.

Вајс истакнува дека Ратклиф дошол да ја предупреди Москва за ескалацијата на Русија против Европа и НАТО, што се совпаѓа со разузнавачките информации што САД ги споделуваат со Полска, балтичките и скандинавските земји, но и со наглото зголемување на саботажите од страна на руската воена разузнавачка служба (ГРУ) во Европа. Во исто време, тој потсетува дека во ноември 2021 година, тогашниот шеф на ЦИА, Бил Бернс, исто така отишол во Москва за да го предупреди Путин да не ја напаѓа Украина.

Корисниците на услугата Flightradar24 и очевидците забележале многу необичен лет на американскиот воен транспортен авион Боинг Ц-17А Глоубмастер од Рига до московскиот аеродром Внуково, кој традиционално го користат странски функционери, рано наутро. Како што објави украинскиот новинар и дописник на Би-Би-Си Јуан Мекдоналд, заедно со Глоубмастер, бил виден авион Ц-40Б за транспорт на високи американски функционери, а во Москва била снимена колона дипломатски возила што пристигнале со тие летови од базата Ендрус во САД.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека нема информации за американскиот авион што слетал околу 10 часот наутро по московско време и тврдеше дека за оваа недела не се планирани средби меѓу руското раководство и претставниците на администрацијата на Трамп. ЦИА одби да даде официјален коментар за ова патување.

Ратклиф останал во Москва само околу четири часа пред неговиот авион повторно да полета. Вајс оценува дека толку краток престој сугерира дека на руската страна ѝ била доставена само итна порака, додавајќи дека е малку веројатно шефот на ЦИА воопшто да се сретнал со Владимир Путин, кој инаку би го држел да чека со часови.

Сепак, аналитичарите не ја исклучуваат можноста посетата да била планиран или подготвена преку шефот на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришкин. Поранешната заменик-директорка на националното разузнавање на САД, Бет Санер, забележува дека целта на посетата можела да биде јасна порака до Москва: „Знаеме што планирате да направите и подобро да не го правите тоа“, но и преговори за прекин на огнот во Иран и предупредување за руската поддршка за Техеран по новите санкции на САД.

Откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата, неговиот специјален пратеник Стив Виткоф ја посети Москва во неколку наврати, а Џаред Кушнер и Џош Груенбаум исто така патуваа во руската престолнина. Ратклиф и Наришкин го одржаа својот прв телефонски разговор уште во март 2025 година, ветувајќи редовни контакти за одржување на стабилноста и намалување на тензиите меѓу двете нуклеарни суперсили.

Руските аналитичари истакнуваат дека Кремљ многу го цени одржувањето на директен канал за комуникација меѓу раководителите на разузнавачките служби, дури и во време кога политичките односи се во целосен колапс.

„САД ја поддржуваат Украина и се наш противник, но колегите од разузнавачките агенции можат многу послободно да разговараат од политичарите за низа акумулирани проблеми, од Украина до Иран и Кина“, нагласува Рустам Чурјаков од Московскиот институт Laboratory Intelligence Express.

 

фото/ЕПА

Текстот Шефот на ЦИА неочекувано и тајно ја посетил Москва е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top