Седимент што содржи ретки метали е извлечен од длабочина од 6.000 метри за време на јапонска тест мисија, објави владата. Со овој потфат, Јапонија се стреми да ја намали својата зависност од Кина за снабдување со овие вредни минерали. Јапонија тврди дека ова е прв успешен обид за вадење ретки метали од морското дно на таква длабочина во светот, пишува Le Monde.
„Деталите сè уште ќе се анализираат, вклучително и точната количина на ретки метали содржани во примерокот“, рече владиниот портпарол Кеи Сато. Тој додаде дека ова е „значајно достигнување, како во однос на економската безбедност, така и во однос на целокупниот развој на поморскиот сектор“.
Примерокот е собран од бродот за длабокоморско научно дупчење „Чикју“, кој минатиот месец исплови кон оддалечениот остров Минами Торишима во Тихиот Океан. Се верува дека водите околу островот содржат богати наоѓалишта на вредни минерали.
Овој потег доаѓа во време кога Кина, убедливо најголемиот снабдувач на ретки земни метали во светот, го зголемува притисокот врз својот сосед.
Ретките метали, група од 17 елементи што тешко се екстрахираат од Земјината кора, се користат во производството на широк спектар на производи, од електрични возила и хард дискови до ветерни турбини и ракети.
Се проценува дека областа околу островот Минами Торишима, која се наоѓа во јапонските територијални води, содржи повеќе од 16 милиони тони ретки метали. Според деловниот весник „Никеи“, ова претставува трет најголем резерват во светот.
Овие богати наоѓалишта содржат проценети резерви на диспрозиум, кој се користи во силни магнети за паметни телефони и електрични автомобили, и 780 години итриум, кој се користи во ласери, според „Никеи“.
Текстот Јапонија извади ретки метали од длабочина од 6.000 метри во Тихиот Океан е превземен од МАКФАКС.






