Руските власти го ограничија пристапот на граѓаните до Viber.
Руските власти како причина за тоа го наведоа „спречувањето на дистрибуција на забранета содржина и можноста за злоупотреба за терористички цели“.
Според Роскомнадзор, употребата на Viber во Русија е ограничена „поради прекршување на барањата на руското законодавство за организаторите на ширење информации“.
Руската федерална извршна агенција одговорна за следење, контрола и цензурирање на масовните медиуми појасни дека станува збор за спречување закани со користење на апликацијата за терористички и екстремистички цели, регрутирање граѓани, продажба на дрога, како и во врска со објавување нелегални информации, објави РИА Новости.
Антон Немкин, член на Комитетот за информатичка политика на Државната дума, рече дека висината на казните за Viber месинџерот во Русија во изминатите две години надминала 1,8 милиони рубљи (околу 16.500 евра) и дека овие казни сè уште не се платени.
Според аналитичката агенција Телеком Дејли, бројот на дневни корисници на Viber во Русија е околу 1,7 милиони луѓе.
За споредба, WhatsApp има 8,1 милиони, а Telegram – 6,4 милиони.