Европскиот совет на издавачи (EPC) го пријави Google до Европската комисија, тврдејќи дека ги прекршува правилата за еднаква конкуренција во секторот за дигитално рекламирање.
Google на Alphabet генерирал 147 милијарди долари за онлајн рекламирање во 2020 година, повеќе од која било друга компанија во светот. Тој објавува реклами на резултатите од пребарувањето, на YouTube и Gmail и тие го сочинуваат најголемиот дел од неговиот приход и профит.
Околу 16 отсто од приходите доаѓаат од технологијата што ја користат медиумските компании за продавање реклами на нивните веб-локации и апликации.
Европската комисија започнала истрага во јуни за да утврди дали Google ги фаворизира своите технолошки услуги за онлајн рекламирање на штета на конкурентите, огласувачите и онлајн издавачите.
Здружението на издавачи, чии членови се Axel Springer, News UK, Conde Nast, Bonnier News и Editorial Prensa Iberica, го пријавиле софтверскиот гигант до Европската комисија, тврдејќи дека ги држи со врзани раце со технологијата за рекламирање.
„Крајно време е Европската комисија да му препише мерки на Google кои навистина ќе се променат, а не само што ќе го отежнат неговото однесување“, рече претседателот на EPC, Кристијан Ван Тило.
„Гугл воспостави целосна контрола врз синџирот на вредност на технологијата за рекламирање, фалејќи се со пазарни удели од 90 до 100 проценти“, нагласи Ван Тило.
Google реагира дека издавачите имаат корист од услугите што ги нуди нивната рекламна технологија.
„Кога издавачите одлучуваат да ги користат нашите рекламни услуги, тие го задржуваат најголемиот дел од приходите. Секоја година плаќаме милијарди долари директно на издавачките партнери во нашата рекламна мрежа“, рече портпаролката на американската компанија.
Еврокомесарката Маргрете Вестагер во три случаи го казни Гугл со повеќе од осум милијарди евра во последните години поради кршење на правилата за конкуренција, објави Ројтерс.