Кинеските власти објавија „дисциплински и казнени мерки“ против социјалните мрежи Weibo и Kuaishou поради „непосакувана“ содржина.
Ова се однесува на „прекумерно нагласување на тривијална содржина и познати личности“.
Според Кинеската управа за интернет простор (CAC), овие мерки вклучуваат „повици за разговори, наредби за корекција на недостатоците во одреден период, предупредувања, како и строги санкции за одговорните“, објави францускиот весник Le Figaro.
Критиката од кинеските власти се однесува на „рангирањето на најпопуларните пребарувања“, односно функцијата на овие апликации што ги истакнува најактуелните теми.
CAC наведува дека на овие мрежи често се појавувала „несакана содржина“, вклучувајќи прекумерно известување за активностите на познати личности, како и тривијални објави.
CAC го обвини Weibo за „загрозување на онлајн екосистемот“, додека Kuaishou го обвини дека придонесува за прекумерно ширење на содржина поврзана со познати личности и сметана за тривијална.
Weibo е платформа за микроблогови на која се објавуваат текстови и фотографии, обично поврзани со актуелни настани. Во март, мрежата имаше 591 милион месечно активни корисници.
Kuaishou е апликација за кратки видеа слична на TikTok која имаше повеќе од 730 милиони месечно активни корисници на почетокот на годината.
Слични мерки беа преземени неодамна и против друга популарна апликација, RedNote (исто така позната како „кинески Instagram“).