Компанијата SmartFlower Solar со седиште во Бостон произведува соларни панели во форма на сончоглед кои генерираат повеќе енергија од конвенционалните панели.

Соларната структура е висока пет метри, а се отвора и затвора во зависност од движењето на сонцето. Годишно создава околу 5.000 kWh енергија, а овие системи собираат и до 40 проценти повеќе енергија од стандардните соларни панели.

Системот наречен Smartflower +Plus има своја батерија, така што корисниците можат да произведуваат и складираат чиста, обновлива енергија.

„Соларните компании и монтерите сега ќе можат да ги понудат „најпаметните“ и најатрактивни системи за собирање и складирање сончева енергија, кои имаат две оски и можност за следење на сонцето. Потребата за соларна енергија и складирање на енергија расте, а леснотијата на инсталација на Smartflower +Plus ќе донесе големи промени во индустријата“, изјави Џим Гордон, извршен директор на компанијата SmartFlower Solar.

Батериите се функционални дури и при екстремни температури, од минус 40 до плус 60 степени,  нудат двојно повеќе употреблива енергија, 50 проценти се подолготрајни и 100 пати побрзи од типичните оловно-киселински батерии.

Vodafone Шпанија ги искористи овие системи во март оваа година за остварување на својата цел, а тоа е да користи 100 проценти електрична енергија од обновливи извори. Соларните панели Smartflower се користат во седиштето на компанијата во Мадрид.

До август оваа година, во САД се поставени 350 Smarflower системи и 1.800 во Европа. Реално е да се очекува тој број денеска да биде поголем.