Apple ги намали нарачките од снабдувачите за најевтиниот модел од новата генерација – iPhone 12 mini, но ги зголеми нарачките за поскапите модели од Pro серијата.
Apple минатата година прв пат претстави четири модели смартфони во рамките на една генерација на iPhone. Освен по дијагоналата на екранот (моделите сега се достапни во три различни големини), уредите, секако, се разликуваат и по цената. Најевтин е моделот iPhone 12 mini, кој чини 700 долари на американскиот пазар, додека најскапиот модел Pro Max чини 1100 долари.
Уште пред официјалното претставување на телефоните, па дури и откако Apple објави податоци за уредите и нивните цени, аналитичарите на мобилниот пазар предвидуваа голема побарувачка за iPhone 12 mini моделот. Покрај тоа што се работи за најевтиниот iPhone од новата генерација, дел од аналитичарите сметаа дека се работи за идеален смартфон за луѓе кои сакаат iPhone, не сакаат преголеми уреди и не ги привлекува SE моделот со застарен дизајн.
Но, најновите информации што пристигнуваат од изворите поврзани со Apple и нивниот синџир на снабдување, покажуваат дека аналитичарите, но и тимот во самиот Apple ја прецениле побарувачката за мини iPhone. Се покажа дека корисниците не се толку заинтересирани за најмалиот, а со тоа и за најевтиниот модел, и многу повеќе се заинтересирани за најскапите модели. Компанијата на Тим Кук на тој начин го намали бројот на нарачки од Pegatron за iPhone 12 mini, додека од Foxconn нарачаа зголемени количини на iPhone 12 Pro и Pro Max.
Освен што го покажува зголемениот интерес на корисниците за поголемите и поскапи модели, послабата побарувачка за iPhone 12 mini е делумно и резултат на ситуацијата со пандемијата. Како што истакнуваат на страницата MacRumors, најмалиот модел на iPhone првенствено бил наменет за европскиот и американскиот пазар, но таму е забележана намалена продажба поради проблемите со коронавирусот. Од друга страна, моделите со поголеми екрани се посебно популарни во Кина, каде што коронавирусот не остави толку разорно влијание врз економијата како на Запад, и токму на овој пазар е забележана зголемена побарувачка за модели од Pro серијата.