Бројот на антитела се намалува и кај претходно заразените и кај вакцинираните лица, но нивното дејство се подобрува само по инфекцијата, а не и вакцинацијата, покажува истражувањето на израелскиот Медицински центар Шеба.
Како што е најавено, резултатите од тоа истражување ќе бидат претставени на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести во април, јавуваат израелските медиуми. Студијата, предводена од д-р Кармит Коен, може да објасни зошто претходно заразените пациенти се чини дека се подобро заштитени од нова инфекција од Ковид-19 од оние кои штотуку биле вакцинирани.
Бил анализиран имунолошкиот одговор кај 130 оздравени пациенти во текот на една година и е спореден со 402 лица кои биле имунизирани двапати со вакцината Фајзер, но никогаш немале Ковид-19.
Откриено е дека бројот на антитела еден месец по вакцинацијата е поголем отколку кај оние кои се опоравиле од болеста. Тој број, сепак, побрзо опаднал во вакцинираната група. Иако индексот на квалитетот на перформансите на антителата првично е повисок кај вакцинираните од оние што се опоравиле од Ковид-19, тој не се менува значително кај вакцинираните, но постепено се зголемува кај оздравените пациенти.
Ова може да објасни зошто двојно вакцинираните лица кои никогаш не биле заразени со Ковид-19 имаат поголема веројатност да се соочат со инфекција по половина година.