Нема доволно докази дека суплементите со витамин Д ги штитат луѓето од Ковид-19, порачуваат британските експерти кои и понатаму советуваат да се зголеми внесот на овој витамин во текот на зимата, бидејќи поволно делува на здравјето на коските и мускулите.

Ова го порача научна комисија составена од експерти од Националниот институт за здравје и нега, Јавното здравство на Англија и Научниот советодавен одбор за исхрана, со констатација дека за таквото тврдење се потребни повеќе истражувања, пишува „BBC“.

Здравствените екперти извршиле брза ревизија на доказите за врските помеѓу витаминот Д и Ковид-19, откако мал број студии сугерирале дека тој би можел да игра важна улога во имунолошкиот одговор на телото на респираторни вируси.

Меѓутоа, откриле дека „нема доволно докази” за да се препорача за превенција или лекување на болеста. Експертите велат дека земањето на витамин Д е особено важно оваа зима поради времето кое луѓето го поминуваат во затворен простор, изолирајќи се и штитејќи се од коронавирусот.

Тоа значи дека можеби не се произведува доволно витамин Д од сончевата светлина која е клучен извор за човечкиот организам.

Витаминот Д исто така може да се добие и од одредена храна, како масната риба и житариците, како и разни додатоци.

Некои луѓе немаат доволно витамин Д дури и во пролет и лето, вклучувајќи ги и оние со темна кожа (луѓе со африканско, африканско-карипско или јужноазиско потекло), луѓе во домови за стари лица и оние кои не излегуваат често или покриваат поголем дел од кожата кога се на отворено.

На луѓето од овие групи им се препорачува да земаат додаток на витамин Д во текот на целата година.

„Оваа година, овој совет е поважен од кога било бидејќи многу луѓе поминуваат повеќе време внатре“, порачуваат британските експерти.