Вирусот Ковид-19 е најсмртоносна инфекција во Велика Британија во последните 100 години, објави денеска британското Биро за статистика.

Како што е наведено, повеќе од 140.000 луѓе починаа од коронавирусот минатата година, што е повеќе отколку во 1918 година кога голем број луѓе починаа од некое заразно или паразитско заболување, пишуваат британските медиуми.

Последниот бран заразни и паразитски болести се случи во 2007 година кога имаше епидемија на клостридиум и кога во Англија и Велс починаа 8.200 луѓе.

Статистичките податоци покажуваат дека во моментот во болниците има многу повеќе пациенти во критична состојба отколку истиот период минатата година.

Како што е соопштено, овие статистички податоци се однесуваат на Англија и Велс, а за Северна Ирска и Шкотска податоците ги прави Северноирската агенција за истражување и статистика.