Windows Phone во 2024 година ќе има елементи на Windows 11, toolbar што ги отвора апликациите на Microsoft и многу функции од модерните телефони.

Познатиот креатор на концепти, AR 4789, објави видео на YouTube кое покажува како би изгледал Windows Phone во 2024 година, напојуван од непретставената верзија на мобилниот оперативен систем – Windows 12 Mobile.

Според неговото видео, Windows Phone во 2024 година би бил опремен со функции кои лесно би можеле да се натпреваруваат со оние на другите телефони од популарните производители. Тоа би вклучувало елементи на Windows 11, што најверојатно би резултирало со беспрекорна интеграција помеѓу телефоните и компјутерите кои работат на оперативниот систем на Microsoft.

Компактна лента со алатки (toolbar) е прикажана на дното, која може да се користи за отворање на Microsoft Copilot, Store, Edge и менито Start. Постојат, се разбира, некои стандардни функции за денес, како што се отпечаток од прст под екранот, функцијата Always-On и различни опции за прилагодување на корисничкото искуство.

Да потсетиме дека Microsoft официјално се откажа од Windows Phone во 2017 година поради недостаток на корисници. По таа одлука, неколку врвни директори на Microsoft признаа дека излегувањето од пазарот на паметни телефони било грешка. Тоа неодамна го изјави сегашниот извршен директор на компанијата, Сатја Надела.

„Одлуката за која мислам дека многу луѓе зборуваат – и една од најтешките одлуки што ги донесов кога станав извршен директор – беше излегувањето од пазарот на паметни телефони. Во ретроспектива, мислам дека можеше да има начини на кои можевме да го направиме тоа подобро, рече Надела минатиот октомври во интервју за Business Insider.