Нов вид на медуза од родот Aurelia беше опишан и потврден со генетски методи од страна на научниците од Институтот за морски и крајбрежни науки на Универзитетот во Дубровник, врз основа на единка пронајдена во Ровињ летото 2020 година.

Универзитетот денеска соопшти дека за време на престојот на нивните научници во Лабораторијата за еволутивна екологија на Центарот за морски истражувања на Институтот Руѓер Бошковиќ е пронајден нов вид медуза, а откривањето на новиот вид е потврдено со генетски методи.

Видот го добил името Aurelia pseudosolida и бил откриен за време на масовното појавување на Mnemiopsis leidy и медузата од видот Aurelia solida.

Истражувањето беше објавено во списанието Water, а беше спроведено како дел од проектите SpaTeGen и DiVMAd финансирани од Хрватската научна фондација, што го спроведува Институтот за море и крајбрежје.

Според правилата, посочуваат од Универзитетот, целиот материјал врз основа на кој е опишан новиот вид мора да се чува во природонаучни музеи за да може да им биде достапен на други научници за идни истражувања, па медузата се чува во Природонаучниот музеј Дубровник.

Ова, забележуваат, е втор нов вид медуза опишан во последните десет години на Јадранот, по описот на видот Mawia benovici од 2014 година, именуван по хрватскиот планктолог и еколог Адам Беновиќ (1943-2011).

Екологијата на новоопишаниот вид, како и неговото потекло сè уште се непознати. Со оглед на тоа што во Јадранското Море сѐ повеќе се регистрираат нови видови организми како резултат на климатските промени, постои можност овој новооткриен вид медуза да е новодојденец на Јадранот, велат од Универзитетот во Дубровник.

Извор: N1info.com