Првата вакцина против коронавирус за животни е регистрирана во Русија, изјави денеска заменик-директорот на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија, Константин Савенков, најавувајќи дека нејзиното масовно производство може да почне веќе во април.
„Вакцината ‘карнивак-ков’, која е изработена од Федералниот центар за здравје на животните, е регистрирана во Русија. Таа е прва во светот против Ковид-19 за животни“, рече Савенков.
Клиничките испитувања на „карнивак-ков“, кои почнале во октомври минатата година, биле извршени врз кучиња, мачки, лисици и други животни.
„Резултатите од истражувањето ни овозможуваат да заклучиме дека вакцината е безопасна и високоимуногена бидејќи 100 проценти од вакцинираните животни имаат развиено антитела на коронавирусот“, нагласи Савенков.
Во моментот научниците продолжуваат да истражуваат колку долго се развива имунитетот по вакцинацијата, а Савенков вели дека во моментот овој индикатор е најмалку шест месеци.
Тој посочи дека и други земји се заинтересирани за оваа вакцина, вклучувајќи ги Грција, Полска, Австрија, САД, Канада и Сингапур. Савенков посочи дека вакцината е од особено значење бидејќи некои животински видови се чувствителни на коронавирусот, а случаи на Ковид-19 кај животни се регистрирани во многу земји.
До денес официјално се идентификувани два случаја на зараза на мачки во Москва и Тјумен. Според руските научници, употребата на вакцината за животни може да спречи развој на мутации на вирусот, кои најчесто се јавуваат при пренесување патогени микроорганизми помеѓу видовите.