Извршниот директор на TikTok денеска одговараше на тешки прашања на американските конгресмени кои бараат да се забрани кинеската социјална мрежа бидејќи ја сметаат за закана за националната безбедност на САД.
Сведочењето на Шоу Ци Чу пред Конгресот доаѓа по еднонеделните напори на кинеската компанија да ги убеди Американците и нивните законодавци дека апликацијата носи економска вредност и ја поддржува слободата на говорот.
TikTok, кој има повеќе од 150 милиони корисници во САД, се соочи со обвинувања дека ги споделува податоците на своите корисници со кинеската влада и дека не прави доволно за да ги заштити децата кои ја користат мрежата.
Чу на почетокот на своето сведочење зборуваше за неговите корени од Сингапур и тврдеше дека компанијата „не промовира или отстранува содржина на барање на кинеската влада“. Тој им вети на одборот и на корисниците дека нема да има „никаква манипулација од која било влада“.
Некои политички експерти веруваат дека забраната на TikTok може да им наштети на демократите кои ја користат платформата за да им се допаднат на помладите гласачи. Тројца демократи во Горниот дом на Конгресот се спротивставија на забраната.
Повеќето пратеници сè уште сакаат TikTok да биде забранет. Кинеската апликација минатата недела објави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден побарала од кинеските сопственици да ги отстранат своите удели или ќе се соочат со забрана.
Кинеското Министерство за трговија објави денеска дека принудувањето на продажбата на TikTok сериозно ќе ја поткопа довербата на инвеститорите ширум светот, вклучително и Кина, да инвестираат во САД.
„Доколку веста е вистинита, Кина решително ќе се спротивстави на тоа“, соопшти Министерството.