Американскиот производител на електрични возила Tesla размислува да го прошири својот бизнис во Европа со компактен модел на автомобил, кој би бил насочен кон масовниот пазар, изјави извршниот директор Eлон Маск.

„Веројатно би имало смисла во Европа да се направи компактен автомобил, можеби хечбек или нешто слично“, рече Елон Маск во вторникот на европската интернет-конференција за батерии организирана од германската влада.

Во САД, автомобилите се претежно поголеми затоа што Американците сакаат големи автомобили, додека во Европа тие се обично помали, истакна Маск, додавајќи дека имал проблем да го паркира својот пет метри долг Tesla Модел Х во Берлин.

„Возев модел Х околу Берлин и имавме многу проблеми да најдеме паркинг место за да застанеме.

Американскиот производител на автомобили моментално нуди четири модели на автомобили, вклучувајќи ги седанот со средна големина Model 3 и SUV со средна големина Model Y.

Сите негови возила се за неколку десетици сантиметри подолги од Фолксваген Голф, европската референца за компактни седани.

За две години, компанијата има намера да го пласира електричниот камион „Cybertruck“ на глобалниот пазар, наведува Ројтерс.