Додека СЗО се подготвува за нова истрага за потеклото на коронавирусот, сè повеќе научници сметаат дека тоа тело на ОН не треба да ја води истрагата.
Имено, бројни експерти од кои многу се поврзани со СЗО, сметаат дека политичките тензии меѓу САД и Кина ја прават истрагата невозможна и истата не може да стигне до одговорите кои се потребни.
Тие сметаат дека наместо СЗО да ја води истрагата, треба да се направи меѓународен тим кој би издал независна анализа, нешто како тим кој ја истражувал чернобилската нуклеарна катастрофа од 1986 година, пренесува агенцијата AP.
Во првата истрага која ја водеа тимовите на СЗО во Кина, беше донесен заклучок дека во март вирусот кој ја предизвика пандемијата, најверојатно преминал од животните на луѓето, а дека варијантата дека коронавирусот протекол од лабораторија во Вухан е малку веројатна.
Следната фаза од истрагата, како што претходно беше објавено, требаше да се фокусира на првите случаи на коронавирусот забележани кај луѓето, но и лилјаците од кои, како што сметаат експертите, вирусот се пренел на луѓето.
Меѓутоа, сега повторно се појави идејата за „бегство“ на вирусот од лабораторија во Вухан, а истата ја „подгреа“ американскиот претседател Џо Бајден кога им нареди на американските тајни служби да ја испитаат и таа можност.
Претходно овој месец, шефот за итни случаи на СЗО, д-р Мајкл Рајан изјави дека СЗО интензивно се подготвува за следната фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот, но AP истакнува дека тие немаат моќ да ја натераат Кина да соработува.
Поради тоа многумина сметаат и дека новата истрага е осудена на пропаст.
Да ве потсетиме, властите во Пекинг го отежнуваа и самото издавање на дозвола на тимот на СЗО воопшто да влезе во Кина.
Ричард Ебрајт, молекуларен биолог од Универзитетот Рутџерс, целата истрага на СЗО ја нарече фарса и истакна дека прашање е дали вирусот протекол од лабораторија или пак се пренел од животните на луѓето и дека истото тоа престанало да биде само научно прашање, односно станало и политичко.